Продекан за настава и научно истражувачка работа

Taneski

д-р Ненад Танески, потполковник, е вонреден професор на Воената академија „Генерал Михаило Апостолски“ – Скопје. Во август 1999 година дипломира на Воената академија во родот пешадија. Магистерските студии ги завршува во 2010 година во областа на безбедноста, субспецијалност – Национална безбедност, а во 2013 година на Институтот за Безбедност, одбрана и мир при Филозофскиот факултет, УКИМ – Скопје, докторира на тема „Влијанието на асиметричните закани врз трансформација на водењето и суштината на војната во XXI век“, во која се користи со методолошките пристапи на проучување на безбедносните проблеми и теориите својствени во проучувањето на воените науки. Се стекнал со научен степен Доктор од областа на безбедноста, по што е избран во наставно-научно звање во научната област: Интегрална безбедност, Воени науки и вештини.

Во периодот од 1999 до 2008 година извршувал должности во Баталјонот на Воената полиција во Скопје, а во перидот од 2008 до 2012 година е припадник на Воената служба за безбедност и разузнавање при Министерството за одбрана. Од 2012 година е припадник на Воената академија „Генерал Михајло Апостолски“ – Скопје каде што ги извршувал должностите, Раководител на одделение за стручна и административна служба и Раководител на Катедра за воени науки и вештини. За постигнатите високи професионални резултати во досегашната работа е пофалуван и наградуван од Командантот на Воена Полиција, Командантот на Специјалните сили, Министерот за Одбрана и Деканот на Воената академија.

Во наставата на Академијата вклучен е во првиот, вториот и третиот циклус на студии по предметите: Тактика на мировни операции и превенција на конфликти, Национална безбедност и безбедносен систем, Тероризам и асиметрични закани, Разузнавачки  и безбедносни системи, Национална и меѓународна безбедност, Хибридни и сајбер закани. Учествувал во повеќе експертски комисии во Министерството за одбрана, ГШ на АРСМ и Воената академија. Во текот на својата досегашна кариера учествувал во научно-истржувачки проекти, бројни домашни и меѓународни научни конференции и пленарни предавања. Активно учествувал во целокупниот процес на подготовка, извршување и анализа на меѓународни штабни вежби. Член е на издавачкиот совет, уредувачкиот одбор и организационен одбор на меѓународни списанија и конференции. Има објавено преку 70 научни, стручни и апликативни трудови во земјата и во странство. Досега ги објавил следните монографии:

  •  2012 година, „Нова ера на војувањето“
  • 2014 година, „Глобални хибридни закани и асиметрични војни“
  • 2015 година, „Реформи во одбраната“
  • 2018 година, „Разрешување конфликти и меѓународен тероризам“
  • 2019 година, „Милитантен исламизам“
  • 2021 година, „Militant Islamism“ (на англиски јазик)