Воената академија организатор на дводневна вежба CYBER SECURITY DRILL (Tabletop Exercise – TTX)

Воената академија, препознаен лидер во областа на сајбер безбедноста во регионот, со поддршка на Стејт департментот на САД, а во соработка со CRDF GLOBAL и Иницијативата за сајбер и корпоративна безбедност и кризен менаџмент – C3I Скопје, на 7 и 8 јули 2022 година реализираше дводневна вежба во областа на сајбер безбедноста CYBER SECURITY DRILL (Tabletop Exercise – TTX).

Учесници на настанот беа преку 30 сајбер професионалци од CERT/CSIRT, клучен јавен и приватен сектор поврзан со сајбер-безбедноста, вклучувајќи и провајдери поврзани со критичната инфраструктура на Република Албанија, Република Косово и Република Северна Македонија.

Деканот на Воената академија професор д-р Митко Богданоски го отвори настанот со воведно обраќање, потенцирајќи ја важноста на соработката помеѓу експертите во областа на сајбер-безбедноста од различни државни и приватни институции од регионот и пошироко за осовременувањето на знаењата и вештините и обезбедување на солидна рамка за справување со ризиците на ова поле. Во текот на воведната сесија свое обраќање имаше и претставникот на USAID Северна Македонија, Џејмс Штајн, кој истакна дека денешната активност е од огромна важност како иницијатива за развивање на капацитетите на земјите од регионот во својата определба за подобрување на нивото на сајбер-безбедноста и заштитата од модерните закани.

Сајбер вежбата започна со воведна презентација на проф. д-р Митко Богданоски на тема „Соочување со современите предизвици за сајбер-безбедност“. Следното воведно предавање е од м-р Марјан Стоилковски на тема „Векторите за сајбер напади и истрага за сајбер криминал (поврзано со подготвено сценарио)“. Првата сесија, со врвни воведни предавања се заокружи со презентација на темата „Стратешките и правните аспекти на управување со одговорите на сајбер заканите“, која ја презентираше проф. д-р Методи Хаџи-Јанев.

Во текот на вториот ден на активноста учесниците имаа можност да работат на практична вежба во согласност со сценарио кое ја отсликува динамиката на целните земји во областа на сајбер безбедноста. За таа цел учесниците работеа во два тима кои ги анализираа стратегиските и правните аспекти на предизвиците со кои институциите се справуваат во сајбер просторот, како и начините за нивно надминување на оперативно и техничко ниво.