Воената академија ко-организатор на меѓународна Конференција на тема „Стабилизирачки ефекти од процесот на Евро-атланска интеграција: Работиме заедно против хибридните закани“

Во период од 12 до 13 септември 2018 година, во Министерството за надворешни работи на Република Македонија, се одржa меѓународна Конференција на тема „Стабилизирачки ефекти од процесот на евроатланска интеграција: Работиме заедно против хибридните закани“, на која учествуваа високи претставници на НАТО, дипломатскиот кор во земјата, реномирани светски експерти, претставници од академската заедница и граѓанскиот сектор. Конференцијата беше во организација на PfP Конзорциумот, Институтот за Геостратешки Истражувања и Надворешна Политика при МНР, Воената академија “Генерал Михаило Апостолски” –, Евроатлански Совет на Македонија (АТА) и Факултетот за безбедност.

Конференцијата во својство на претседавач ја отвори Националниот координатор за НАТО интеграции, Стево Пендаровски, а свои воведни излагања имаа заменикот Претседател на Владата на Република Македонија и министер за одбрана Радмила Шекеринска Јанковска и Државниот секретар во Министерство за надворешни работи Виктор Димовски.

Воената академија ја претставуваше продеканот за финансии, инвестиции и меѓународна соработка, полковник д-р Митко Богданоски, вон. професор, кој беше дел од организацискиот одбор на конференцијата, а воедно и говорник, на првата сесија на конференцијата.

На Конференцијата, свое обраќање имаше и амбасадорот Антонио Мисироли, помошник Генерален секретар на НАТО во Одделот за справување со новите безбедносни предизвици, кој говореше за сеопфатниот модел во справувањето со мултидимензионалната природа на хибридните закани, кој претпоставува користење на соодветни ресурси и координација на активностите помеѓу инволвираните страни.

Конференцијата овозможи размена на мислења и искуствата на НАТО во однос на справувањето со овие предизвици на модерното време во сајбер просторот. Беа презентирани компаративните искуства на земјите од централна и источна Европа и можностите кои што стојат на располагање на државите во градењето на капацитетите за справувањето со овој феномен на модерното време.

На настанот беа разгледани и можностите за воспоставување на регионален модел со цел негова примена во справувањето со хибридните закани, имајќи ги предвид последиците од хибридно делување врз Евратланските интегративни процеси на земјите од Западен Балкан.