Воената академија со свој придонес на активноста „Проценка на капацитетите за информатичка безбедност во Македонија “

Screen Shot 02-07-18 at 12.26 AM

Во период 30.01.-01.02. 2018 година, се изврши проценка на моделот на зрелост на капацитетите за информатичка безбедност во Република Македонија.

Проценката беше иницирана и поддржана од страна на министерката за одбрана, Радмила Шеќеринска, министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски и министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, а ја спроведоа Светската Банка и Глобалниот центар за капацитети во областа на информатичка безбедност (Global Cyber Security Capacity Centre) на Универзитетот Оксфорд, преку употреба на моделот за зрелост на капацитетите за информатичка безбедност (Cyber Security Capacity Maturity Mоdel for Nations).

Моделот за зрелост на капацитетите за информатичка безбедност е сеопфатна алатка што им овозможува на државите да стекнат општо разбирање на нивните капацитети во областа на информатичката безбедност и со тоа да ги зајакнат стратегиските вложувања во градење на потребните капацитети.

Screen Shot 02-07-18 at 12.26 AM 001

Претставници од Воената академија пполк. д-р Митко Богданоски, вон. проф., продекан на Воената академија, и д-р Димитар Богатинов, доцент, капетан, земаа активно учество во дебатите кои што се организираа на активноста посебно во делот кој што беше наменет за академската заедница и одбрана.  Воедно, д-р Богданоски, како претставник на работната група за креирање на националната стратегија за сајбер безбедност, беше поканет да даде свој придонес за време на целата активност.

За време на активноста од страна на претставниците на Воената академија беа дадени видувања за улогата на Министерството за одбрана, како и Воената академија во системот за одбрана од сајбер закани. Покрај останатото, беше потенцирана улогата на Воената академија во едукативниот процес, како и во процесот на обука во делот на сајбер безбедноста, како за јавниот, така и за приватниот сектор. Покрај постојаниот придонес преку различни национални, регионални и меѓународни обуки во овој сегмент, на активноста беше потенцирано дека Воената академија ќе даде значителен придонес во едукацијата на експерти во областа на сајбер безбедноста, но и сегашни и идни лидери, креатори нa политики и носители на одлуки преку започнувањето на магистерските студии за сајбер безбедност и дигитална форензика, чие стартување е планирано за почетокот на 2018 година. Споменато беше дека значителен придонес во развојот на капацитетите во областа на сајбер безбедноста ќе даде и формирањето на новиот Институт за сајбер безбедност и дигитална форензика во рамките на Воената академија, кој ќе биде основа не само за едукација и обука на јавниот и приватниот сектор во Република Македонија, туку и за истражување во оваа област.

По завршување на проценката, Глобалниот центар за капацитети во областа на информатичка безбедност ќе подготви извештај во кој ќе бидат изнесени резултати што укажуваат на степените на зрелост на капацитетите за информатичка безбедност на Република Македонија. Препораките кои ќе произлезат од проценката ќе дадат значителен придонес врз понатамошниот развој на капацитетите на Република Македонија во областа на сајбер безбедноста, како и врз креирањето на националната стратегија за сајбер безбедност.