Воена академија ко-организатор на Регионалниот курс за стратегиско лидерство (RSLC)

Воената академија повторно ја докажува својата лидерска улога во регионот во областа на образованието во одбраната и безбедноста.

Првиот модул на Регионалниот курс за стратегиско лидерство (RSLC) е успешно завршен. Истиот се реализира во периодот од 30 мај до 3 јуни 2022 година, во Националната одбранбена академија во Виена.
Деканот на Воената академија проф. д-р Митко Богданоски, полковник, како еден од креаторите и ко-директор на овој курс и вон. проф. д-р Димитар Богатинов, мајор, зедоа учество како набљудувачи на овој модул. Истите ќе бидат одговорни за планирање и реализација на Модулот 2, кој ќе се одржи во Скопје од 03 – 07 октомври 2022 година. Третиот модул ќе се одржи во ноември, во Р. Србија.

Учесниците на курсот се високи цивилни и воени лидери на стратешко ниво од јавната администрација, политиката, бизнисот и медиумите.

Првиот модул вклучуваше високо информативна програма, која покрај заедничката работа на национален стратешки процес во случај на дефект на напојувањето со електрична енергија (затемнување), вклучуваше и посети на Постојаното претставништво на Австрија при ОБСЕ, AIES – Австрискиот институт за европска и безбедносна политика и Федерација на австриски индустрии (Industriellenvereinigung).

Овој регионален курс за стратегиско лидерство (RSLC) беше инициран на 26 септември 2018 година во пресрет на Самитот за одбрана на Западен Балкан во Грац, каде што се состанаа министрите за одбрана на Австрија, Албанија, Босна и Херцеговина, Северна Македонија, Црна Гора и Србија. Тоа беше прв пат од 2011 година сите релевантни фактори во регионот да се соберат заедно. Со својот пристап „whole of government”, курсот е наменет како платформа за лидери на највисоко ниво од земјите-учеснички. На овој начин треба да се промовираат меѓусебното почитување и доверба – основите на регионалната соработка.