Воена академија ко-организатор на семинар „Безбедносните процеси, функции и предизвици и заштита на критичната инфраструктура“

На 29 и 30 Мај во Домот на АРМ се реализираше семинар на тема „Безбедносните процеси, функции и предизвици и заштита на критичната инфраструктура“.  Учесници од Воената академија „Генерал Михаило Апостолски“ Скопје беа: професор д-р Методија Дојчиновски, полковник, раководител на катедра за безбедност, кризен менаџмент, заштита и спасување кој беше во улога на  модератор и предавач на активноста и п.полк. д-р Митко Богданоски, вон.проф, продекан во Воената академија кој беше во улога на предавач.

Семинарот го отвори д-р Беким Максути, заменик министер за одбрана, кој искажа чест и задоволство што овој семинар претставува продолжување на досегашната соработка помеѓу Секторот за човечки ресурси при Министерството за одбрана и Воената академија „Генерал Михаило Апостолски“ и на успешната реализација на голем број обуки за вработените во Министерството за одбрана и Армијата на Република Македонија, но и за претставници на другите органи на државната управа поврзани со одбраната, безбедноста и  кризниот менаџмент.

Целта на семинарот беше учесниците да се запознаат и да ги прошират своите општи познавања за ризиците, заканите и заштитата на критичната инфраструктура во различни области на национално и регионално рамниште, особено како резултат на нарушувањето на безбедносното опкружување, појавата на меѓународниот тероризам, миграциските кризи и други надворешни и внатрешни облици на загрозување на националната безбедност.

На учесниците на семинарот им беа презентирани резултати и достигнувања од истражувања на реномирани предавачи од универзитетите во Република Македонија, како и експерти од институциите кои ја следат безбедносната состојба, процеси, функции и предизвици во државата.