Во Берово одржана работилницата за развој на систем за рано откривање на шумски пожари

Во период од 07-09.11.2017 година во  Берово,   се одржа работилница за проектот „Напреден систем за превенција и рана детекција на шумски пожари“, во организација на Воената академија „Генерал Михаило Апостолски“.

Целта на работилницата е да се промовираат придобивките од проектот и да се претстават досегашните резултати пред крајните корисници, меѓу кои и националните паркови „Маврово“ и „Пелистер“ од Македонија, но и Националните авторитети за управување со кризи од Бугарија и Федералното министерство за внатрешни работи на Германија.

„Преку овој значаен проект ќе се овозможи развивање на напреден систем за рано откривање на шумски пожари, кој вклучува мрежа на сензори, камери и беспилотни летала за собирање на податоци и изработка на анализи, кои ќе бидат искористени да се подобри процентот на откривање на шумските пожари во области од особено значење“, изјави на отворањето координаторот на проектот, професорот Питер Пеинл од Универзитетот Фулда од Германија. Деканот на Воената академија, полковникот Орце Поповски го нагласи придонесот на Академијата, како единствена високообразовна институција од Македонија која се занимава со оваа проблематика. Тој истакна дека овој проект значително ќе им помогне на противпожарните сили и на Дирекцијата за заштита и спасување да ги лоцираат пожарите во рана фаза, со што ќе се заштеди во време, во ресурси, во опрема и во финансии. Овој проект како пилот-проект ќе се примени во националните паркови „Маврово“ и „Пелистер“.

Во моментов во Република Македонија не постои информациски систем за рано откривање и следење на шумските пожари, а се користат само сателитски податоци во врска со температурата и влажноста на одредени области, како и човечки ресурси за утврдување на веќе настанати пожари и нивно гасење. Направените истражувања покажуваат дека во Европа сè уште не се користи ваков сеопфатен систем, кој освен сензори користи и беспилотни летала, што овозможува превенција на шумските пожари преку следење на состојбата со пожарите во реално време.

На работилницата учествуваат и претставници од Министерство за одбрана, министерствата за земјоделие, шумарство и водостопанство и за животна средина, Армијата на Република Македонија, Јавното претпријатие „Македонски шуми“, Центарот за управување со кризи, Дирекцијата за заштита и спасување, националните паркови „Маврово“ и „Пелистер“.

Во проектот вклучени се и претставници од Германија, од Бугарија, од Албанија и од Програмата за цивилна заштита и хуманитарна помош на Европската унија.