Интегрирана вежба: „Детекција и идентификација на радиолошки агенси на гранични премини“

На ден 24.11.2021 година на граничниот премин Блаце, питомците од Воената академија имаа можност да присуствуваат на интегрирана вежба на тема: „Детекција и идентификација на радиолошки агенси на гранични премини“.

Интегрираната вежба беше изведена од страна на следниве национални институции: Министерство за внатрешни работи (Оддел за Гранични работи и миграции и Криминалистичка полиција), Царинска управа, Дирекција за радијациона сигурност и Воена академија. Оваа вежба е плод на повеќе годишната соработка на Воената академија со горенаведените институции. Интегрираната вежба преставува една од практичните целини на предметот Нуклеарна, хемиска и биолошка заштита кој се изучува во седмиот семестар согласно СПП на ВА од родот АБХО чиј носител е наставник п.полк. д-р Андреј Илиев, редовен професор и д-р Росе Смилески, ред. проф. и полковник во пензија.

Целта на оваа интегрирана вежба е да се претстави практичната работа на надлежните институции, подобри интероперабилноста и стандардизацијата меѓу одговорните национални субјекти за рана детекција, идентификација и дозиметрија на радиолошки агенси кои е можно да транзитираат низ територијата на нашата држава. Патничките возила со уреди и системи за мобилна детекција на радиолошки агенси преставуваат донација од европските земји членки на НАТО.

Во овој контекст со практична употреба на донираните уреди и средства, Република Северна Македонија како рамноправна земја членка на НАТО покажува дека надлежните национални институции преку практична вежба покажуваат дека се инкомпатибилни и интероперативни координирано да ги извржуваат сите идни задачи добиени преку Интерпол, НАТО, ЕУ и други меѓународни организации со цел да се направи навремена превенција и заштита на државите од транзитирање на опасни радиоактивни материи.

Во оваа насока целите на интегрираната вежба беа:

  • Спроведување на НАТО директиви и стандарди за ефикасна детекција и идентификација на радиолошки агенси на гранични премини;
  • Поддршка и предлог на нови модели на практична обука во насока на поефикасна детекција на радиолошките агенси;
  • Практична имплементација на најдобри практики искуства за детекција и идентификација на радиолошки агенси кои  ги спроведуваат државите членки  на НАТО.

Агендата на интегрираната вежба ги опфати следниве тематски целини кои практично се обработија:

  • Воведен дел во кој присутните се запознаа со упаствата за практична употреба на мобилниот систем за радиолошка детекција;
  • Детална презентација и практична работа со мобилен систем за радиолошка детекција;
  • Запознавање со сите составни компоненти и делови на Мобилниот систем за детекција ( гама и неутронски детектори, детектори за радиолошки агенси, видео камери и мониторинг систем, алармни уреди и кутија, контролна табла за начин на работа на мобилниот систем за радиолошка детекција;
  • Почетни, примарни и контролни точки во движење на сомнителни возила и преносен компјутер за документирање на сомнителни настани во врска со присуство на радиолошки агенси, графички дијаграм на интензитетот на зрачење на детектираните радиолошки агенси и известување на Централната гранична алармна станица;
  • Практична презентација на целокупната опрема и уреди за мобилна радиолошка детекција;
  • Запознавање со личниот детектор за откривање на радиоактивно зрачење (пејџер), наменет за лична безбедност и за определување на безбедоносниот периметар на движење на службените лица вработени на граничниот премин при извршување на секундарната контрола за можно присуство на радиолошки агенси;

Откако главните оператори на вежбата инспекторот Игор Динаисовски и инспекторот Златко Иванов извршија детално запознавање со возилата и сите уреди за мобилна радиолошка детекција, тие во координација со преставниците од Царинската управа, Дирекцијата за радијациона сигурност, одделот за Гранични работи и миграции, Криминалистичка полиција и преставници од Воената академија, а под целосна координација на полицискиот началник Ристо Шпитров практично ја реализираа вежбата.

Методско-показната вежба се реализираше преку следниве последователни чекори:

  • Воспоставување и работа на примарна контролна точка за рана радиолошка детекција;
  • Секундарна контрола при активирање на алармен уред и употреба на сите уреди за секундарна контрола;
  • Мерење на радиоактивното зрачење за време на секундарната контрола;
  • Примена на уред за идентификација на радиоизотопи за време на секундарната контрола;
  • Употреба на мобилен систем за детекција на радиоактивното зрачење и ранец кој содржи уреди за детекција на радиоактивното зрачење во контролни затворени простории;
  • Постапка по завршување на секундарна контрола и начинот на известување за терцијална контрола која ја врши Дирекција за радијациона сигурност.