КОНКУРС за запишување на кандидати со завршен прв циклус на студии за стручно оспособување и усовршување за офицери за служби за потребите на Министерството за одбрана и Армијата на Република Северна Македонија

СТАНЕТЕ ОФИЦЕРИ ВО АРМИЈАТА НА РЕПУБЛИКА СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА!

Ги повикуваме сите млади на возраст до 28 години, со завршен прв циклус на студии по: машинство, електротехника, компјутерска техника и информатика, информатика, архитектура, урбанизам и планирање, градежништво и водостопанство, медицински науки и здравство – општа медицина, технологија на прехранбени производи, текстилна технологија, сообраќај и транспорт, ветерина, психологија, економски науки или правни науки, заинтересирани за кариера во Армијата на Република Северна Македонија, да се пријават на Конкурсот кој го распишува Воената Академија „Генерал Михајло Апостолски“ – Скопје. Избраните кандидати ќе бидат пратени на стручно оспособување и усовршување за офицери за службите на Армијата на Република Северна Македонија во времетраење од 6 месеци. Кандидатите кои со успех ќе го завршат процесот, ќе стапат на работа во Министерството за одбрана и Армијата на Република Северна Македонија со чин поручник.

Во текот на стручното оспособување и усовршување за офицери за службите ќе добиваат плата во износ од 100% од просечната исплатена месечна нето-плата во државата (приближно 29.000 денари) и покриено здравствено и инвалидско осигурување. Дополнително, кандидатите ќе имаат обезбедено бесплатно сместување и исхрана, униформа и обувки, учебници и други предмети и помагала потребни за студирање, како и надомест на патни трошоци за превоз.

Сите детали за конкурсот, условите и процедурата можете да ги најдете во конкурсот објавен во продолжение.

МИНИСТЕРСТВО ЗА ОДБРАНА НА РЕПУБЛИКА СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА
ВОЕНА АКАДЕМИЈА „ГЕНЕРАЛ МИХАИЛО АПОСТОЛСКИ“ – Скопје

Врз основа на член 25 став 1 од Законот за Воената академија („Службен весник на Република Македонија“ бр. 83/2009), Воената академија „Генерал Михаило Апостолски“ – Скопје (во понатамошниот текст Академијата) распишува

КОНКУРС

за запишување на кандидати со завршен прв циклус на студии за стручно оспособување и усовршување за офицери за служби за потребите на Министерството за одбрана и Армијата на Република Северна Македонија

Академијата распишува конкурс за запишување на 30 (триесет) кандидати за стручно оспособување и усовршување за офицери за службите во Министерството за одбрана и Армијата на Република Северна Македонија.

Стручното оспособување и усовршување е со времетраење од 6 (шест) месеци.

ПРАВО НА УЧЕСТВО НА КОНКУРСОТ

На конкурсот може да се пријават кандидати кои ги исполнуваат општите и посебните услови и тоа:

ОПШТИ УСЛОВИ

  • да се државјани на Република Северна Македонија;
  • да имаат завршено прв циклус на академски студии (додипломски студии) со стекнати најмалку 240 кредити според ЕКТС во следниве научни подрачја и полиња: природно – математички науки (информатика), техничко-технолошки науки (електротехника, компјутерска техника и информатика, електроника и автоматика, машинство, материјали, текстилна технологија, технологија на прехранбени производи, сообраќај и транспорт, архитектура, урбанизам и планирање, градежништво и водостопанство), медицински науки и здравство (општа медицина), биотехнички науки (ветеринарна медицина), општествени науки (економски науки, правни науки, психологија);
  • да не се постари од 28 (дваесет и осум) години на денот на пријавување и поднесување документи;
  • да се психофизички способни.

ПОСЕБНИ УСЛОВИ:

  • да не им е изречена мерка на безбедносна забрана за вршење на професија, дејност или должност;
    да ги исполнуваат безбедносните критериуми предвидени со Законот за класифицирани информации, што утврдува надлежен орган во Министерството за одбрана;
  • да го положат тестот за физичка способност согласно тест-програмата за проверка на физичката способност на лица со завршен прв циклус на студии за стручно оспособување и усовршување за офицери за служби;
  • да ја поминат проверка на познавање на англиски јазик;
  • да ја поминат проверката на интервју;
  • за интендантска служба, кандидатите да имаат завршено прв циклус на студии во научно подрачје општествени науки во научно поле и области економски науки (применета економија, економика на јавни служби и економика на претпријатија) или да имаат завршено прв циклус на студии во научно подрачје техничко-технолошки науки во следните научни полиња: (текстилна технологија, технологија на прехранбени производи);
  • за санитетска служба, кандидатите да имаат завршено прв циклус на студии во научно подрачје медицински науки и здравство – општа медицина;
  • за сообраќајна служба, кандидатите да имаат завршено прв циклус на студии во научно подрачје техничко-технолошки науки во научно поле сообраќај и транспорт;
  • за техничка служба, кандидатите да имаат завршено прв циклус на студии во научно подрачје техничко-технолошки науки во следните научни полиња и области: електротехника, компјутерска техника и информатика, електроника и автоматика, машинство (моторни возила, автоматика, производно машинство технологии и системи, транспортна механизација, механика на флуидите и струјно технички системи) и материјали (машински материјали);
  • за градежна служба, кандидатите да имаат завршено прв циклус на студии во научно подрачје техничко-технолошки науки во следните научни полиња и области: архитектура, урбанизам и планирање и градежништво и водостопанство (градежни конструкции во ниско и високо градба, хидротехнички објекти и комунална хидротехника и заштита на водите);
    за психолошка служба, кандидатите да имаат завршено прв циклус на студии во научното подрачје општествени науки во научно поле психологија;
  • за правна служба, кандидатите да имаат завршено прв циклус на студии во научното подрачје општествени науки во научно поле правни науки;
  • за финансиска служба, кандидатите да имаат завршено прв циклус на студии во научно подрачје општествени науки во научно поле и области економски науки (сметководство, финансии и применета економија);
  • ветеринарна служба кандидатите да имаат завршено прв циклус на студии во научното подрачје биотехнички науки во научно поле ветеринарна медицина;
  • за логистика, кандидатите да имаат завршено прв циклус на студии во научно подрачје техничко-технолошки науки, научни полиња: електротехника, компјутерска техника и информатика, електроника и автоматика, телекомуникационо инженерство, машинство, материјали, текстилна технологија, технологија на прехранбени производи и природно математички науки, научно поле: информатика.

При избор на кандидати за стручно оспособување и усовршување се води сметка за соодветна и правична застапеност на припадниците на етничките заедници и развој на родова перспектива, со почитување на принципот на стручност и компетентност.

КРИТЕРИУМИ ЗА ИЗБОР И ЗАПИШУВАЊЕ

Критериумите за запишување на лицата со завршен прв циклус на студии за стручно оспособување и усовршување за офицери за потребите на Министерство и Армијата се:

1. Општиот успех на кандидатите постигнат за време на првиот циклус на студии;

2. Да ја поминат проверката за утврдување на психофизичката способност;

3. Успехот постигнат од проверка на физичката способност;

4. Успехот постигнат од проверка на познавање на англиски јазик и

5. Успехот постигнат од проверката на интервју.

Вреднувањето на критериумите се изразува во поени.

ВРЕДНУВАЊЕ НА УСПЕХОТ ПРИ ПОЧЕТНОТО РАНГИРАЊЕ

Максималниот број на поени што кандидатот може да ги освои по сите критериуми изнесува 100 поени.

Општиот успех на кандидатите постигнат за време на првиот циклус на студии учествува со најмногу 40 поени.

Успехот од проверка на физичката способност се вреднува со најмногу 20 поени.

Успехот од испитот по англиски јазик се вреднува со најмногу 20 поени.

Проверката од реализираното интервју се вреднува со најмногу 20 поени.

Вреднувањето на успехот од прв циклус на четиригодишни студии се врши на следниот начин: се собираат сите оцени што се внесени во уверението за положени испити од сите години на студии, добиениот збир се дели со бројот на оценки и вака добиениот среден успех се множи со 4. На ваков начин најмногу можат да се добијат 40 поени.

Вреднувањето на физичката способност на кандидатите се врши според Тест-програмата за проверка на физичката способност на лица со завршен прв циклус на академски студии за стручно оспособување и усовршување за офицери за служба, така што постигнатиот број на поени на тестот (најмногу 100 поени) се множи со коефициент 0,2. На ваков начин можат да се добијат најмногу 20 поени.

Вреднувањето на успехот постигнат на испитот по англиски јазик се врши така што постигнатиот број на поени на тестот (најмногу 100 поени) се множи со коефициент 0,2. На ваков начин можат да се добијат најмногу 20 поени.

ПОСТАПКА ЗА СПРОВЕДУВАЊЕ НА КОНКУРСОТ

Конкурсот го спроведува Конкурсна комисија која ја формира деканот на Академијата.

По техничка обработка на документацијата, конкурсната комисија ги упатува кандидатите на проверка на психофизичката способност која ја спроведува Воено-лекарска комисија во Баталјон за воена медицинска поддршка.

Против наодот, оценката и мислењето на Воено-лекарската комисија кандидатот може да поднесе жалба во рок од три дена од денот на известувањето за наодот, оценката и мислењето, до второстепена Воено-лекарска комисија.

Одлуката на второстепената комисија е конечна.

При проверка на психофизичката способност, кандидатите треба да имаат документи за утврдување на идентитет (лична карта или патна исправа) и здравствена книшка.

Кандидатите кои поминале на проверка на психофизичката способност се упатуваат на проверка на физичката способност.

Проверката на физичка способност ја спроведува Централната комисија за проверка на физичката способност на активниот воен персонал на должност во Министерството, за прием на воен персонал на служба во Армијата, како и за надзор на работата на комисиите од командите и единиците на Армијата, а се врши според Тест-програмата за проверка на физичката способност објавена на веб страната на Академијата на следниот линк: http://www.ma.edu.mk/?page_id=5651

Проверката на физичка способност има елиминаторен карактер и во понатамошната постапка нема да се рангираат кандидати што не ги задоволиле предвидените норми, односно кои не освоиле минимум 10 поени од можни 20 поени за секоја дисциплина поединечно.

При проверка на физичката способност, кандидатите треба да имаат документи за утврдување на идентитет (лична карта или патна исправа) и спортска опрема.

Кандидатите кои ќе ја поминат проверката на физичката способност се упатуваат на проверка на познавање на англиски јазик.

Проверката за познавање на англиски јазик се спроведува со полагање соодветен тест во Центарот за странски јазици при Команда за обука и доктрини на Армијата.

Проверката на познавање на англискиот јазик се врши преку полагање на тестот ALCPT American Language Course Placement Test- https://www.dlielc.edu/testing/alcpt_test.php

Проверката со интервју ја спроведува Конкурсната комисија преку водење на разговор со секој од кандидатите поединечно.

Рангирање на кандидатите

Вкупниот број на поени, врз кои се врши рангирањето на кандидатите, се добива со собирање на поени од општиот успех на кандидатите постигнат за време на првиот циклус на академски студии, од проверка на физичката способност, од проверка на познавање на англиски јазик и од проверка со интервју

Рангирањето на кандидатите го врши Конкурсната комисија.

Услов за рангирање и избор на кандидатите за стручно оспособување и усовршување се освоени минимум 60 поени добиени по сите основи од можни 100 поени.

Во рок од 24 часа по реализацијата на сите проверки, Конкурсната комисија изготвува и објавува на огласната табла и веб страната на Академијата прелиминарна ранг-листа на добиените резултати на кандидатите со завршен прв циклус на студии за запишување на стручно оспособување и усовршување за офицери за служби за потребите на Министерството и Армијата.

Во ранг-листата за секој кандидат се истакнуваат: бројот на поени од општиот успех на кандидатите постигнат за време на првиот циклус на академски студии, бројот на поени од проверка на физичката подготвеност, бројот на поени од проверка на познавање на англиски јазик, бројот на поени од реализирано интервју и вкупен број на поени.

На прелиминарната ранг-листа, кандидатот има право на приговор до Деканатската управа на Академијата преку конкурсната комисија, во рок од 24 часа од нејзиното објавување.

Одлуките по приговорите се објавуваат на огласна табла и веб страната на Академијата http://www.ma.edu.mk/, во рок од 24 часа од истекувањето на рокот за поднесување на приговори.

Одлуката на Управата на Академијата по приговорот е конечна.

Доколку нема поднесено приговори во предвидениот рок, прелиминарната ранг-листа станува конечна ранг-листа.

По објавување на конечната ранг-листа, Наставно-научниот совет на Академијата утврдува и доставува мислење со предлог до министерката за одбрана. Министерката за одбрана донесува решение за прием на кандидати за запишување за стручно оспособување и усовршување за офицери за служби за потребите на Министерството и Армијата.

РОКОВИ

Заинтересираните кандидати за упис на стручно оспособување и усовршување за офицери за службите на Академијата можат да ги достават потребните документи во деловодството на Воената академија во Скопје на ул. „Васко Карангелески“ б.б. или електронски (скенирани оригинални документи) до Академијата на електронска пошта: sluzbi_va@mod.gov.mk, на пријавен рок од денот на објавувањето на конкурсот до 06.08.2021 година.

Кандидатите кои ќе се пријават електронски се должни потребните документи за пријавување во оригинал да ги достават до Воената академија за време на спроведување на проверките на физичка способност.

По утврдување на пријавните листи, само пријавените кандидати кои ги исполнуваат условите од конкурсот ќе бидат повикани да го започнат процесот на селекција.

ПОТРЕБНИ ДОКУМЕНТИ ЗА ПРИЈАВУВАЊЕ НА КОНКУРСОТ

Кандидатите кои конкурираат на Конкурсот треба да ги поднесат следниве документи:

  • пријава (пополнет формулар кој се добива во деловодство на Академијата или на веб страната на Академијата) линк: http://www.ma.edu.mk/?page_id=172
  • кратка биографија (CV);
  • диплома и додаток на диплома или уверение за завршен прв циклус на студии за кандидатите на кои до денот на објавување на конкурсот не им е издадена диплома;
  • уверение за државјанство;
  • извод од матичната книга на родени;
  • уверение од надлежен суд за неизречена мерка – забрана за вршење професија, дејност или должност.

ШКОЛУВАЊЕ, ПРАВА И ОБВРСКИ НА СТУДЕНТИТЕ

Кандидатите кои се примени на Конкурсот за стручно оспособување и усовршување се стекнуваат со статус на слушател.

Посебните права и обврски на слушателите ќе бидат уредени со договор.

На кандидатите кои ќе бидат пратени на стручно оспособување и усовршување за офицери за службите им се обезбедува:

  • месечни парични примања за намирување на неопходни лични потреби, во износ од 100% од просечната исплатена месечна нето-плата по работник во Република Северна Македонија, објавена од Државниот завод за статистика за последниот месец пред исплатата, приближно 29.000 денари;
  • сместување и исхрана, униформа и обувки, учебници и други предмети и помагала потребни за студирање, без надоместок;
  • здравствено и инвалидско осигурување, доколку не им е обезбедено по друг основ и
  • надомест на патни трошоци за превоз за доаѓање на Академијата и за враќање до местото на живеење во висина на чинење на автобуски билет и тоа на почетокот и на крајот на стручното оспособување и усовршување, како и на патни трошоци за упатување на пракса од Академијата, доколку не го користат организираниот редовен превоз.

Со почит,

ВОЕНА АКАДЕМИЈА