КОНКУРС за запишување студенти/питомци за потребите на Министерството за одбрана и на Армијата на Република Северна Македонија на прв циклус студии на Воената академија „Генерал Михаило Апостолски“ Скопје во учебната 2021/2022 година

Врз основа на член 21 став 1 од Законот за Воената академија („Службен весник на Република Македонија“ бр. 83/2009), Воената академија „Генерал Михаило Апостолски“ Скопје објавува

К О Н К У Р С

за запишување студенти/питомци за потребите на Министерството за одбрана и на Армијата на Република Северна Македонија на прв циклус студии на Воената академија „Генерал Михаило Апостолски“ Скопје во учебната 2021/2022 година

Воената академија „Генерал Михаило Апостолски“ Скопје, распишува Конкурс за запишување на студенти/питомци за потребите на Министерството за одбрана и Армијата на Република Северна Македонија на прв циклус студии на Воената академија за 25 кандидати.

Студиите на прв циклус студии се организираат според студиски програми акредитирани со закон, според нормативите, стандардите и методологијата прифатени од единствениот европски простор за високо образование, вреднувани со кредити по ЕКТС. Студиските програми на прв циклус на студии на Академијата содржат 240 кредити и траат четири години. Секоја година на студиската програма содржи 60 кредити.

ПРАВО НА УЧЕСТВО НА КОНКУРС

На Конкурсот може да се пријавуваат кандидати кои ги исполнуваат општите услови:

  • да се државјани на Република Северна Македонија;
  • да завршиле четиригодишно средно образование;
  • да не се постари од 21 година на денот на пријавување и поднесување документии
  • да се психофизички способни (утврдува военолекарска комисија).

Покрај општите услови, кандидатите треба да ги исполнат и посебните услови:

  • да не им е изречена мерка на безбедносна забрана за вршење професија, дејност или должност;
  • да ги исполнуваат безбедносните критериуми според Законот за класифицирани информации, што ги утврдува надлежна служба во Министерството за одбрана;
  • успешно да го положат тестот за физичка способност во согласност со Тест-прог­ра­мaта за проверка на физичка способност.

Кандидатите државјани на Република Северна Македонија кои средното образование го завршиле во Република Северна Македонија, или дел од средното образование го завршиле во странство како и кандидатите кои завршиле меѓународна матура, се запишуваат на прв циклус на студии под еднакви услови и критериуми.

При изборот на кандидатите за запишување на Академијата се води сметка за соодветна и правична застапеност на припадниците на заедниците и развој на родовата перспектива, со почитување на принципите на стручност и компетентност.

Припадниците на безбедносните сили, деца на загинат или починат припадник на безбедносните сили и децата на воен инвалид од I до VII група, од член 13 став (2) од Закон за посебни права на припадниците на безбедносните сили на Република Македонија и на членовите на нивните семејства, имаат предност при запишување на Академијата, без плаќање на партиципација во рамките на утврдените квоти од Владата на Република Северна Македонија за бројот на студенти питомци на Академијата, доколку ги исполниле општите и посебните услови за запишување на Академијата и условите од јавниот конкурс. Ова право кандидатите го остваруваат со приложување на документи издадени од надлежен државен орган, при пријавување на јавниот конкурс.

КРИТЕРИУМИ ЗА ИЗБОР ЗА ЗАПИШУВАЊЕ

При изборот за запишување на кандидатите на прв циклус студии на Воената академија „Генерал Михаило Апостолски“ Скопје во учебната 2021/2022 година, покрај општите и посебните услови се земаат предвид и следните критериуми:

општиот успех на кандидатите по сите предмети постигнати во средното образование;
успехот од спроведениот приемен испит по математика;
успехот од спроведениот приемен испит по англиски јазик и
успехот постигнат на проверката на физичката способност.
ВРЕДНУВАЊЕ НА УСПЕХОТ
Вреднувањето на критериумите се изразува во поени.

Максималниот број поени што кандидатот може да ги освои според сите критериуми изнесува 100 поени.

Општиот успех на кандидатите по сите предмети постигнат во средното обра­зо­ва­ние учествува со најмногу 60 поени.

На општиот успех постигнат во средното образование, како критериум за запишување, се додава:

  • успехот од приемниот испит по математика, со најмногу 15 поени;
  • успехот од приемниот испит по англиски јазик, со најмногу 15 поени;
  • успехот од проверката на физичката подготвеност со најмногу 10 поени.

Вреднувањето на успехот од средното образование се врши на тој начин што се собираат сите оценки што се внесени во свидетелствата од сите години, добиениот збир се дели со бројот на оценки и вака добиениот среден успех се множи со 12. На ваков начин може да се добијат максимум 60 поени.

Вреднувањето на приемниот испит по математика се состои од проверка на знаењето по математика од средно образование, преку Тест-проверка – http://www.ma.edu.mk/?page_id=5645

Вреднувањето на приемниот испит по англиски јазик се состои од проверка на англискиот јазик преку полагање на тестот –American Language Course Placement Test (ALCPT) – https://www.dlielc.edu/testing/alcpt_test.php

Вреднувањето на физичката подготвеност што се состои од проверка на физичката подготвеност на кандидатите е дадена во Прилог 1 на Правилникот за услови, критериуми, начинот и постапката за спроведување на јавен конкурс и постапка за избор на кандидати за запишување на прв циклус на студии на Воената академија – http://www.ma.edu.mk/?page_id=5651

ПОСТАПКА ЗА СПРОВЕДУВАЊЕ НА КОНКУРСОТ

За спроведување на Конкурсот за запишување на прв циклус студии на Академијата се формира конкурсна комисија, поткомисии за спроведување на приемниот испит по математика, по англиски јазик и за прием на документи и обработка на податоци.

Постапката за спроведување на приемниот испит по математика и по англиски јазик се изведува согласно Тест-програмата на Академијата.

Тестирањето на кандидатите се врши анонимно со користење на шифра, наместо име и презиме.

По спроведување на приемниот испит по математика и англиски јазик, Конкурсната комисија изготвува првична ранг-листа на кандидатите, во која влегуваат: бројот на поени од средно образование (среден успех), бројот на поени од спроведениот приемен испит по математика и бројот на поени од спроведениот приемен испит по англиски јазик, за секој кандидат.

Пред отпочнувањето на тестот за физичка подготвеност, се врши утврдување на психофизичката способностна кандидатите. Оваа проверка е од елиминаторен карактер.

Психофизичката способност на кандидатите се утврдува преку спроведување на специјалистички прегледи и давање на наод, оценка и мислење од страна на Военолекарската комисија.

Военолекарската комисија доставува известување потпишано од членовите на комисијата за извршените лекарски прегледи на кандидатите до Конкурсната комисија, во рок од три дена од спроведените прегледи.

При проверка на психофизичката способност, кандидатите треба да имаат документи за утврдување на идентитетот (лична карта или пасош) и здравствена книшка.

Против Наодот, оценката и мислењето на Военолекарската комисија кандидатот може да поднесе приговор до Второстепената военолекарска комисија. Одлуката на Второстепената военолекарска комисија е конечна.

Постапката за спроведување на тестот за физичка подготвеност се состои од проверка на физичката подготвеност од страна на Централната комисија за проверка на физичката способност на активниот воен персонал на должност во Министерството, за прием на воен персонал на служба во Армијата, како и за надзор на работата на комисиите од командите и единиците на Армијата, по следните дисциплини:

Скок во далечина од место Згиб на вратило Стомачни подигања Трчање
мажи Жени мажи жени Мажи жени мажи

1600 m

жени
800 m
Поени за минимум сантиметри репетиции издржани во згиб/сек. подигања минути
180 120 3 3 25 25 8,00 6,00

Проверката на физичката подготвеност има елиминаторен карактер и во понатамошната постапка нема да се рангираат кандидатите што не ги задоволиле предвидените норми, односно што не освоиле најмалку 50% од поените предвидени за секоја дисциплина поединечно, односно вкупно 5 поени од можните 10 поени за сите дисциплини.

При проверка, кандидатите треба да имаат документи за утврдување на идентитетот (лична карта или пасош) и спортска опрема.

Во рок од 24 часа по добивање на сите резултати, Конкурсната комисија изготвува и објавува на огласната табла и на веб-страната на Академијата прелиминарна ранг-листа на кандидатите за запишување на прв циклус на студии на Академијата.

Во прелиминарната ранг-листа се истакнуваат бројот на поени од средното образование (среден успех), бројот на поени од спроведените приемни испити по математика и англиски јазик, бројот на поени од проверка на физичката подготвеност и вкупниот број поени за секој кандидат.

Услов за рангирање и избор на кандидатите за прием на Академијата, е да имаат освоени најмалку 60 поени, добиени по сите основи, од можните 100 поени.

На прелиминарната ранг-листа, кандидатот има право на приговор до Деканатската управа на Академијата преку Конкурсната комисија, во рок од 24 часа од нејзиното објавување. Приговорот се доставува лично во деловодството на Воената академија во Скопје на ул. ,,Васко Карангелески“ б.б.

Одлуките по приговорите се објавуваат на огласната табла и на веб страницата на Академијата, во рок од 24 часа од истекување на рокот за поднесување приговори.

Одлуката на Управата на Академијата по приговорите е конечна.

Доколку нема пристигнато приговори во соодветниот рок, прелиминарната ранг-листа станува конечна.

Во случај два или повеќе кандидати да имаат еднаков број на поени и да не може да се изврши избор на предвидениот број кандидати за прием на Академијата, предност при избор за запишување на Академијата имаат кандидатите кои се добитници на награди и признанија на државни и меѓународни натпревари во области значајни за соодветната студиска програма. Видот и соодветноста на наградите и на признанијата ги утврдува Конкурсната комисија.

По објавување на конечната ранг-листа, Наставно-научниот совет на Акаде­мијата, донесува предлог-мислење за истата и го доставува до министерката за одбрана, која донесува конечно решение за прием на кандидатите од листата.

РОКОВИ

Заинтересираните кандидати за упис на Воената академија за учебната 2021/2022 година може да се пријават во деловодството на Воената академија во Скопје на ул. „Васко Карангелески“ б.б. или електронски (скенирани оригинални документи) до Академијата на електронска пошта: upis_va@mod.gov.mk на првиот пријавен рок во деновите 04., 05. и 06.08.2021година, во време од 08,30 до 16,30 часот. Доколку во првиот пријавен рок не бидат примени кандидати во предвидениот број, Воената академија ќе организира втор уписен рок на ден 07.09.2021 година, во време од 08,30 до 16,30 часот и доколку повторно не бидат примени кандидати во предвидениот број, Воената академија ќе организита и трет уписен рок на 21.09.2021 година, во време од 08,30 до 16,30 часот.

Кандидатите кои ќе се пријават електронски се должни потребните документи за пријавување во оригинал да ги достават до Воената академија најдоцна при спроведувањето на проверките на физичка подготвеност.

По утврдувањето на пријавните листи, пријавените кандидати што ги исполнуваат условите од конкурсот ќе бидат повикани за утврдување на психофизичката способност, физичката подготвеност и за полагање на приемните испити по математика и англиски јазик.

ДОКУМЕНТИ ЗА ПРИЈАВУВАЊЕ НА КОНКУРСОТ

Кандидатите треба да ги поднесат следниве документи:

  • молба, што се добива во Воената академијаили може да се симне од следниот линк:http://www.ma.edu.mk/?page_id=172
  • пријавен лист, што се добива во Воената академија или може да се симне од следниот линк:http://www.ma.edu.mk/?page_id=172
  • свидетелства за сите четири години од средното образование;
  • уверение за државјанство;
  • извод од матичната книга на родени;
  • уверение од надлежен орган за неизречена мерка на безбедносна забрана за вршење професија, дејност или должност и
  • потврда од матичен лекар за здравствената состојба на кандидатот.

Кандидатите државјани на Република Северна Македонија што средното образование или што дел од средното образование го завршиле во странство треба да достават документ издаден од надлежно министерство за нострификација на свидетелства за сите години, за дел од годините што ги завршиле во странство или диплома за завршено средно образование добиена во странство.

ШКОЛУВАЊЕ, ПРАВА И ОБВРСКИ НА СТУДЕНТИТЕ

Кандидатите што се пријавиле за прв циклус на студии за потребите на Министерството за одбрана, односно за Армијата на Република Северна Македонија по запишувањето на студиите се стекнуваат со статус студент/питомец.

За време на школувањето на студентите/питомци им се обезбедува: интернатско сместување, исхрана, униформа, долна облека и обувки, учебници и други предмети и помагала потребни за студирањето, без надомест, здравствено и инвалидско осигурување, месечни примања за подмирување на најнеопходните лични потреби, патни трошоци за доаѓање на Академијата и враќање на почетокот и крајот на секоја учебна година и при школскиот распуст, како и патни трошоци за упатување на пракса од Воената академијата.

Посебните права и обврски меѓу студентите/питомци и Воената академија се уредуваат со договор во согласност со Законот за Воена академија и Статутот на Воената академија.

По завршувањето на школувањето студентите/питомци се произведуваат во чин потпоручник од соодветен род и се примаат на служба во Армијата на Република Северна Македонија, односно на работа во Министерството за одбрана.

Со почит,

ВОЕНА АКАДЕМИЈА