Посета на Музејот на Македонија од страна на питомците од XXII класа на Воената академија ,,Генерал Михаило Апостолски“- Скопје

Во рамките на предметот Воена историја, кој се изучува во втора година од студиската програма на Воената академија и се реализира од страна на наставниците: п.полк. д-р Андреј Илиев, д-р Александар Стојчев и д-р Елена Иванова, беше изведена посета на Музејот на Македонија во времетраење од два наставни часа. Целта на посетата беше питомците да се запознаат со ликот, делото и воено-политичката дејност на Генералот Михаило Апостолски, историјата на Македонија за време и после Балканските војни, историскиот период на Македонија за време и после Втората светска војна и Граѓанската војна во Грција.

Воената историја има многу цели. Една од најважните е преку неа да се согледаат грешките од минатото кој преставуваат „научени лекции“ како треба да се постават целите за сегашноста и градењето на посветла иднина.

Втората основна цел на Воената историја е создавањето и градењето на чувство на воена култура и традиција чија цел претставува формирање на здружени воени сили како што се земјите членки на НАТО и ЕУ.

Трета основна цел на Воената историја е навремено воочување на грешките кои се прават во сегашноста врз основа на поуки и искуства од минатото, со цел да може навремено да се превенираат и спречат нови кризи, конфликти и војни на регионално и глобално рамниште.

Воената историја за сите припадници на армијата преставува постојана учителка за градење на безбедна и кооперативна држава врз основа на поуките од минатото. Народот кој не ја познава доволно својата историја секогаш е во состојба истата да ја повторува.

Воената академија од 1996 година го носи името „Генерал Михаило Апостолски“ по генерал-полковник Михаило Апостолски кој бил командант на ГШ на Македонија во Народноослободителната војна (НОВ) од 1941 до 1945 година.

Апостолски е роден на 8 ноември 1906 година во Ново Село, Штипско. Тој е првиот македонски генерал, командант на ГШ на НОВ и ПОМ, народен херој, политичар, воен теоретичар, универзитетски професор по воена историја и академик. За време на НОБ под негова команда биле 33 македонски оперативни бригади, меѓу кои и бригади од Косово и јужна Србија.

Во јули 1941 година пристигнал во Македонија и се поврзал со Киро Глигоров, а по неколку дена поминати во Скопје, со сопругата Цвета (сестра на Киро Глигоров) заминал во Штип.

Нешто подоцна Апостолски е поставен и за командант на ПВШ на Македонија. Најпрво во април 1942 станува член на КП, а во јуни истата година бил назначен за командант на Главниот штаб на Народно-ослободителната војска и партизанските одреди на Македонија (ГШ на НОПОМ). Од прераснувањето ГШ на НОПОМ во ГШ на НОВ и ПОМ во 1943 година, па се до укинувањето на ГШ во 1945 година, Апостолски останува на позицијата командант, иако во меѓувреме имало бројни промени во ГШ.

Во согласност со решенијата на Преспанскиот состанок, Апостолски го формирал баталјонот „Мирче Ацев” во август 1943 година. Тоа е прва оперативна воена формација во Македонија, формирана според принципите на организирањето регуларни воени единици. На Второто заседание на АВНОЈ одржано на 29 ноември 1943 година, Апостолски бил избран за член на Претседателството, а на 15 декември 1943 од ГШ на НОВ и ПОЈ го добил чинот генерал-мајор. Како командант на ПВШ за Македонија, а потоа и на ГШ на НОВ и ПОМ, Алостолски раководи со сите позначајни настани во текот на антифашистичката и народноослободителна војна.

Михаило Апостолски бил член на Иницијативниот одбор на Првото заседание на АСНОМ одржано на 2 август 1944 година во манастирот Св. Прохор Пчињски е избран за член на АСНОМ. Меѓу другото, Михаило Апостолски вршел и мошне високи општествено-политички функции. Генералот Михаило Апостолски починал на 7 август 1987 година во Дојран во 81-та година од својот живот.

Терминот Балкански војни се однесува на две војни, што се случиле во Југоисточна Европа во 1912 и 1913 година. Првата балканска војна започнала на 8 октомври 1912 година кога Бугарија, Грција, Црна Гора и Србија формирале балкански сојуз против Османлиската Империја. Војната завршила со потпишување на мировен договор во Лондон, Втората балканска војна избила на 16 јуни 1913 година кога Бугарија, незадоволна од своите придобивки, ги нападнала своите поранешни сојузници, Србија и Грција. Војната завршила со потпишување на мировен договор во Букурешт. Со распарчувањето во Букурешт, Македонија од централен и значаен дел на Балканот станала периферија и провинција на балканските земји. Веднаш потоа започнало асимилирањето на македонското население.

Окупацијата на Македонија во Втората светска војна била спроведена по капитулацијата на Кралството Југославија и Кралството Грција. Ослободувањето на Македонија во Втората светска војна била последна етапа во борбата на македонскиот народ во средината на 1944 година.

Граѓанската војна е една од првите воени конфликти кои се случиле во периодот по завршувањето на Втората светска војна, кој траел од 1946 до 1949 година. Прогонети биле повеќе од 50.000 македонски бегалци, од кои 30.000 заминале во Југославија, а 20.000 во источноевропските земји. Од нив 5.479 се населиле во Полска, 4.000 во Романија, 3.800 во Чехословачка, 3.299 во Унгарија, 2.954 во СССР и 103 во Бугарија.