ПОЧНАА ПОДГОТОВКИТЕ ЗА РЕАЛИЗАЦИЈА НА ПРОЕКТОТ ОД ЕВРОПСКАТА КОМИСИЈА – ASPires

На ден 26.01.2017 од 9:30 до 13:30 часот во просториите на Воената академија „Генерал Михаило Апостолски“ Скопје, придружна членка на Универзиетот „Гоце Делечев“ Штип, се одржа подготвителен состанок со сите инволвирани институции и поединци кои ќе бидат вклучени во реализација на проектот Advanced Systems for Prevention and early detection of forest fires „ASPires“ финансиран од Европската комисија.

На почеткот на состанокот Деканот на Воената академија д-р Орце Поповски проф. Полковник, истакна дека Воената академија за прв пат во својата историја успеа да добие проект финансиран од Европската комисија во сегментот на европски операции за цивилна заштита и хуманитарна помош, што претставува дел од делокругот на работата на Академијата. Тој нагласи дека проектот беше инициран од претставници од Воената академија што дава особена важност, потврда и поттик за сите нас, дека доколку се работи вредно, посветено и стручно ваквите големи проекти ќе станат наше секојдневие.

Проектот ASPires беше подготвен и ќе биде реализиран од конзорциум од реномирани образовни и апликативни институции од Германија, Македонија и Бугарија. Координатор на проектот е м-р Никола Клетников, потполковник а лидер на истражувачкиот тим е д-р Југослав Ачковски, доцент, потполковник, двајцата од Воената академија. Во спремањето на проектната документација беа вклучени и други колеги од Воената академија и Центарот за управување со кризи. Целиот проект ќе биде раководен од проф. д-р Румен Стаинов од германскиот Универзитетот за примената наука од Фулда.

Проектот има за цел да креира напреден информациски систем за мониторирање на шумски предели од особено значење и навремено лоцирање и рано предупредување при појава на шумски пожари. Во рамките на проектот се предвидени научно истражувачки активности кои треба да дадат јасни насоки за креирање на напредниот информиациски систем, кој треба биде надградба на постоечките системи кои се користат во Македонија но и во земјите на Европската Унија. Проектот ќе ја подобри состојбата со заштита на шумите и истиот ќе биде аплициран во националниот парк Маврово, но и во други земји кои се наведени во проектната документација.

Подготвителниот состанок имаше за цел да ги запознае присутните со деталите, плановите и активностите на сите инволвирани институции и со тоа да се почне со подготвителните активности за стартот на проектот кој е предвиден во месец мај. На состанокот покрај членовите на истражувачкиот тим свое учество земаа Горан Стојковски помошник на директорот на ЈП Македонски Шуми, Илко Лазаревски и Томче Ѓорѓески од ЈУ Национален парк Маврово, д-р Стевко Стефановски  и   м-р Игорчо Карафиловски од Центарот за управување со кризи (кои се воедно и дел од проектниот тим), Смиљка Тенева и Роска Н Вукојевиќ од Секторот за природа при Министерство за животна средина и просторно планирање и Назиф Сефер од Министерство за земјоделие шумарство и водостопанство.

На состанокот покрај запознавањето со проектните активности, кое беше реализирано од  координаторот на проектот м-р Никола Клетников, присутните направија кратки презентации за надлежностите на нивните институции во сегментот на рано јавување и превенција од пожари и заштита на шумите. После секоја презентација следуваа одлични дискусии за додефинирање на начинот на кој ќе се реализира проектот и на каков начин тој ќе го подобри заедничкото работење за заштита од шумски пожари.

Состанокот помина во одлична и конструктивна атмосфера. Од страна на сите присутни беше истакнато задоволство и благодарност што Воената академија подготвила и под нејзино раководство ќе се реализира ваков проект кој е од суштинско значење за заштитата на шумите како непроценливо богаство за секоја земја. Сите присутни искажаа желба за несебична соработка и придонес во успешната реализација на овој проект и посакаа тој да биде само почеток на уште многу такви проекти кои ќе направат вистинска заштита на нашите прекрасни шуми и шумите на земјите членки или аспирантки за членство во Европската унија.