Воената академија, дел од тимот за оценување на вежбата Викинг 22

Во периодот од 28-ми Март до 06-ти Април 2022 година, капетан м-р Моника Качурова, асистент во Воената академија, зема учество на компјутерски поддржуваната меѓународна вежба Викинг 22, која се реализираше во Кралството Шведска. Нејзината улога беше оценувач за техничката поддршка на вежбата во делот на сајбер, дел од тимот за оценување на вежбата.

Викинг 22 е дистрибуирана вежба со помош на компјутерската технологија каде единиците со кои командуваат различните штабови „виртуелно војуваат“ со помош на симулации.

Во суштина Викинг 22 се заснова на целосно ново меѓународно сценарио „Северен континент“, кое е изградено на нордиските простори, но каде содржината е преземена од конфликти во модерното време. Сценариото е прилагодено согласно доктрините на НАТО и процесите што се користат во операциите. Сето ова нуди одлична можност за персоналот да учи и вежба со меѓународните колеги во рамките на заедничките операции.

Учество во вежбата земаа повеќе од 50 држави и 70 цивилни организации (цивили, воен персонал и полициски состав) и истата се реализираше во Енѓепинг во Кралството Шведска. Учесниците беа распространети на девет локации, во шест различни земји. Јадрото на вежбата/симулацијата беше во Енѓепинг во Кралството Шведска, каде беа распоредени околу 1.000 војници, цивили и полицајци, а дополнително учесници имаше и во други Шведски градови: Упсала, Карлскрона и Кунгзенген.

Вежбата е дел од шведската американска соработка која трае од 1999 година и е воведена како меѓународен форум за соработка на самитот на НАТО Вашингтон.