Промоција на универзитетскиот учебник со наслов: УПРАВНО (АДМИНИСТРАТИВНО) ПРАВО

На ден 06.02.2020 година во време од 14.00-16.00 часот во амфитеатарот на Воената академија беше промовиран универзитетскиот учебник со наслов УПРАВНО (Административно) ПРАВО од наставникот полк. д-р Зоран Јовановски, вонреден професор и раководител на Катедрата за општествени науки во Воената академија „Ген. Михаило Апостолски“.

Модератор на промоцијата на универзитетскиот учебник беше д-р Билјана Каровска Андоновска, вонреден професор од Воената академија.

Промотори на универзитетскиот учебник беа: д-р Темелко Ристевски, редовен професор еден од основачите на Воената академија во далечната 1993 година и доајен во областа на управното право и д-р Јадранка Денкова, вонреден професор на правниот факултет при универзитетот „Гоце Делчев“ од  Штип.

Првиот промотор д-р Темелко Ристевски, редовен професор истакна дека учебникот како научна публикација е изработен со врвен квалитет во кој авторот полк. д-р Зоран Јовановски, вонреден професор дава јасен научен и методолошки пристап за проблематиката која ја обработува, односно управното материјално и управното процесно право.

Притоа промоторот д-р Темелко Ристевски, редовен професор истакна дека авторот на мошне успешен начин ја поврзува теоријата со практиката, така што овој учебник ќе биде мошне корисен не само како книга за учење, туку и за понатамошна литература од правната проблематика која на сите вработени ќе им помогне во успешно решавање на правните предмети во текот на извршување на должностите во армијата и министерството.

Вториот промотор д-р Јадранка Денкова, вонреден професор, истакна дека универзитетскиот учебник  УПРАВНО ПРАВО темите ги обработува на јасен и практичен начин, користејќи релевантна литература, правно-нормативни акти и бројни практични примери за управните постапки во областа на одбраната, но и пошироко во рамките на нашата држава. Понатаму вториот промотор, истакна дека овој универзитетски учебник е систематски и логички подреден и на мошне современ начин практично ги објаснува тематските целини кои се обработуваат, а се неопходни и за понатамошната кариера на питомците и вработените во Армијата и Министерството за одбрана. Тематските целини според вториот промотор се обработени на јасен, студиозен и стручно – методолошки начин, така што питомците и студентите на Воената академија кои ќе го изучуваат овој предмет, материјата ќе ја совладуваат без мака. На крајот вториот промотор д-р Јадранка Денкова, вонреден професор истакна дека универзитетскиот учебник покрај од голема важност за најмладите, односно питомците и студентите, ќе даде голем придонес и за научно – стручната јавност во нашата држава, но и во рамките на земјите членки на НАТО и Европската унија.

Свое обраќање на промоцијата на универзитетскиот учебник УПРАВО ПРАВО имаше и Деканот на Воената академија „Ген. Михаило Апостолски“ полк. д-р Орце Поповски, редовен професор. Неговото излагање беше преку бројни практични примери од областа на правото и секојдневниот живот. Меѓу другото Деканот на Воената академија полк. д-р Орце Поповски, редовен професор, истакна дека секоја публикација, книга, а особено универзитетските учебници за Воената академија се пример за постигнувањата не само на авторите, туку пред се на Воената академија како високо образовна институција етаблирана во регионални и светски рамки. На крајот од своето излагање Деканот на Воената академија полк. д-р Орце Поповски, редовен професор истакна дека: „Книгите се дела кои остануваат и после нас и со тоа не прават нас бесмртни“.

На крајот свое обраќање имаше и авторот на универзитетскиот учебник УПРАВНО ПРАВО, полк. д-р Зоран Јовановски, вонреден професор кој истакна дека овој универзитетски учебник го работел повеќе години во континуирани консултации со научно – стручната јавност и питомците. Сето ова му помогнало, не само истиот да се изработи како учебник со висок научен квалитет, туку и материја која ќе биде преку бројните практични примери лесно разбирлива и применлива за питомците и студентите од Воената академија за кој пред се е наменет.

Во текот на промоцијата на универзитетскиот учебник имаше музичка изведба од страна на Воениот оркестар на Армијата, со изведба на традиционална македонска изворна музика. Промоцијата заврши со бројни честитки од присутните гости: пратеници од Владата, Државниот секретар од Министерството за одбрана, Деканот на факултетот за безбедност во Скопје како факултетска единица на универзитетот „Св. Климент Охридски“ од Битола, државните советници од Министерството за одбрана и внатрешни работи и други бројни државни институции од нашата држава.

Промоцијата на универзитетскиот учебник заврши со пригоден коктел во просториите на Воената академија.