Работна посета на Воено-поморското училиште „Никола Јонков Вапцаров“ во рамките на проектот спонзориран од НАТО DEEP

Во периодот 13.12.-16.12. 2017 година, полк. д-р Орце Поповски, ред. проф. и пполк. д-р Митко Богданоски, вон. проф. реализираа работна посета на Воено-морското училиште „Никола Јонков Вапцаров“ во Варна, Бугарија. Посетата беше организирана во рамките на Проектот за унапредување на образованието во одбранбениот сектор преку НАТО DEEP, а домаќин на активноста беше проректорот полк. д-р Калин Калинов, ред. проф., кој воедно е и лидер на тимот експерти кои се ангажирани од НАТО DEЕP (Програма за унапредување на образованието во одбранбениот сектор) за активностите со Воената академија.

Во рамките на посетата главен фокус се даде на системот на управување со квалитет во едукативниот процес, кој веќе е воспоставен во Воено-морското училиште „Никола Јонков Вапцаров“ и е во согласност со ISO 9001:2008 стандардот, а во моментот работат на воведување на ISO 9001:2015 стандардот.

Од страна на домаќинот беше искажана желба за поддршка на сертифицирањето на Воената академија „Генерал Михаило Апостолски“ согласно истиот стандард, а дополнително на тоа и дека ќе се провери можноста за покривање на трошоците поврзани со сертифицирањето преку НАТО DEEP.

Дополнително на тоа, стана дискусија за понатамошните активности поврзани со НАТО DEEP, кои се планираат во периодот Јануари-Јуни 2018 година, т.е. до донесување на Стратегискиот одбранбен преглед на Р. Македонија, затоа што голем дел од активностите кои ќе се реализираат со Воената академија, преку DEEP, ќе бидат поврзани со новиот СОП.

Во рамките на посетата се отворија дискусии и за можна понатамошна соработка помеѓу Воената академија и Воено-морското училиште. Беше дискутирано за потпишување на Меморандум на разбирање кој би опфатил повеќе можности за соработка меѓу кои:

  • Учество на кадети од Воено-морското училиште на Летниот кампус, организиран од страна на Воената академија и испраќање на наши питомци на еднонеделна посета на Воено-морското училиште за  време на кадетската недела која се организира во рамките на нивната институција.
  • Размена на искуства помеѓу наставниот кадар преку организирање на поканети предавања.
  • Заедничко учество на меѓународни проекти.
  • Соработка во областа на сајбер одбраната, пред сè заради воспоставувањето на новиот центар во рамките на Воено-морското училиште и покажаниот интерес од нивна страна за размена на искуства во ова поле. Во рамките на овој сегмент се разгледа можноста за учество во заеднички проекти и активности заедно со Бугарската академија на науки, со која Воената академија веќе има активна соработка во ова поле.