Реализирана посета на Европската куќа во Скопје

На ден 21.01.2020 година во време од 11.00-12.30 часот, согласно оперативниот план за настава по предметот Воена историја се реализираа предавања во траење од 2 (два) наставни часа на тема: „Историскиот развој и перспективи на Европската унија низ призма на можности за земјите од Југоисточна Европа“.

Предавањата беа реализирани од страна на Евроамбасадорот г-дин Самуел Жбогар.  Во неговото богато дипломатско искуство кое трае повеќе од две деценции извршувал повеќе високи должности од кои ги издвојуваме: поранешен министер за надворешни работи на Република Словенија, како и амбасодор во рамките на ООН.

Во текот на 2004 година кога се случува полноправното членство на Република Словенија во НАТО на 29.03.2004 година, а потоа на 01.05.2004 година и членство во Европската унија, г-динот Самуел Жбогар во улога на амбасадор на ООН со своите препораки значително го забрзува процесот на евро-атланската интеграција на Република Словенија.

Предавањето на г-динот Самуел Жбогар за питомците од втора година беше согласно тематската целина во насока на: историските причини за создавање на Европската унија, историскиот развој на Европската унија од донесувањето на Шумановата декларација на 09.05.1950 година до денес, тела и начин на функционирање на Европската унија, идните развојни проекти и концепти на Европската унија за развој на сили за кризни состојби од елементарни непогоди и безбедност на Европа во случај на современите безбедносни закани.

Особено внимание на предавањето кое понатаму разви плодна дискусија со предметните наставници и питомците привлекоа: предусловите за отпочнување на преговори за членство на земјите од Југоисточна Европа и прием во Европската унија, како и престојната нова Методологија за пристапни преговори на Европската унија со земјите од Југоисточна Европа во која ќе бидат јасно дефинирани придобивките, но и одговорностите на сите земји кои во иднина ќе станат полноправни членки на Европската унија.