Реализирана посета од страна на Министерот за одбрана на Република Косово

На ден 25.08.2021 година, во период од 14:30 до 15.00 часот, во Воената академија ,,Генерал Михаило Апостолски“ во Скопје, беше реализирана посета на косовскиот Министер за одбрана г-дин Арменд Мехај.

Деканот на Воената академија изрази огромно задоволство од досегашната меѓусебна соработка, а посебно од довербата укажана на Воената академија за едуцирање на идни офицери на Република Косово и за интересот за продолжување на оваа успешна сорабoтка не само на првиот циклус на студии, туку и на командно-штабната академија и на другите форми на неформално образование кои се реализираат на Воената академија. Исто така се заблагодари и за досегашното учество на косовските питомци на „Летниот кампус“ организиран од страна на Воената академија, потенцирајќи дека од Република Косово секогаш доаѓаат питомци кои покажуваат одлична подготвеност, но и заинтересираност за сите теми, и се целосно посветени на задачите.

Министерот за одбрана г-дин Арменд Мехај се заблагодари за досегашните напори вложени од страна на Воената академија за едукација на питомци и идни офицери на Република Косово и истакна дека довербата и продолжувањето на оваа суштинска соработка се темели на квалитетот на кадрите кои своето образование го завршиле токму во Воената академија. Тој исто така потенцираше дека единтвено образованието и усовршувањето преку разни форми на едукација и обуки се одговорот на современите закани во регионот и светот воопшто. Во таа насока тој искажа интерес во интензивирањето на соработката со Република Северна Македонија во областа на образованието и во иднина испраќање на македонски кандидати на такви активности во Република Косово. Посебен акцент г-дин Мехај стави на новите современи предизвици и пред се предизвиците во делот на сајбер безбедноста и потенцира дека би било добро на идни активности организирани од Воената академија учество да земат институции од Косово. Во овој контекст Деканот на Воената академија даде кус преглед на посебниот акцент кој Воената академија го става и на сајбер безбедноста и дигиталните вештини, како и на капацитетите на Националниот институт за сајбер безбедност и дигитална форензика како една од можностите за образование, обука и интензивирање на овој вид на соработка.

На крајот од посетата Деканот на Воената академија повторно се заблагодари за посетата и интересот за работењето и активностите на Воената академија од страна на Министерот за одбрана на Република Косово и изрази волја и силна намера за интензивирање на досегашната соработка во областа на образованието.