Реализирана работилница за развој на национална рамка за сајбер одбрана

На ден 26. февруари во просториите на Домот на армијата се одржа Работилница на тема „Развој на национална рамка за сајбер одбрана“, во организација на Воената академија и Министерството за одбрана, а со поддршка на Центарот за демократска контрола на вооружените сили (DCAF) од Женева, како дел од нивниот проект “Enhancing Cybersecurity Governance in the Western Balkans“.  На работилницата учествуваа претставници од Министерството за одбрана, Воената академија и Армијата, како и претставници од сите релевантни институции (јавен, приватен и невладин сектор и академската заедница) од државата.

Целта на работилницата беше да се споделат искуствата и научените лекции со нашите странски пријатели и партнери, како и да ја зголеми свеста за прашањата поврзани со сајбер одбраната, преку експертска дискусија за клучните елементи на стратегијата за сајбер одбрана и нејзината позиција во рамките на пошироката национална сајбер рамка во државата.

Активноста беше поделена во два дела. Во првиот дел на активноста, кој беше модериран од полк. д-р Митко Богданоски, вон. проф., активно учествуваа сите релевантни институции, а покрај реализираните предавања од страна на реномираните експерти од Велика Британија, Финска и Чешка се отвори дискусија во контекст на споделување на искуства, каде активно учество земаа експертите од државните институции. Во вториот дел, странските експерти имаа активна дискусија и размена на искуства со работната група одговорна за носење на Стратегијата за сајбер одбрана.