Свечена промоција во офицерски чинови за 29 (дваесет и девет) слушатели од Курсот за стручно усовршување и оспособување на офицери од логистички специјалности и служби

На ден 06.03.2020 година со свеченост која се организираше во Воената академија во офицерски чин беа промовирани 29 (дваесет и девет) слушатели од Курсот за стручно усовршување и оспособување на офицери од логистички специјалности и служби на Воената академија во студиската 2019/2020 година. Истите веќе се распоредени техничката, интендантската, сообраќајната, санитетската, логистичката и правната служба на Армијата, како и во единиците и секторите на Министерството за одбрана. За разлика од досегашните курсеви за офицери од логистички служби и генерации со одлука на Влада, наместо 3.500 како досега, месечниот надоместок за време на обуката им беше во висина на месечна просечна плата, односно околу 25.000 денари.

Деканот на Воената академија проф. д-р Орце Поповски, полковник, во своето обраќање истакна дека светското знаење се дуплира секои 2 (две) години, па така и истото застарува за околу две години. Тој ги потсети новопромовираните офицери дека со завршувањето на високото образование и стручното оспособување и усовршување не завршиле и со учењето. Напротив, тие се исправени пред нов почеток и нови предизвици кои наметнуваат континуитет во учењето. Исто така, Деканот нагласи дека најсилното оружје во нивните раце за градење на успешна професионална кариера е знаењето и нивната оспособеност.

Началникот на Генералштабот на Армијата,  Генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски во своето обраќање истакна дека младите офицерите влегуваат во Армијата како НАТО офицери и истите треба достоинствено со знаење и максимално залагање да ја градат и претставуваат Армијата како во земјава, така и во странство како НАТО офицери.

На крајот од промоцијата тројцата најдобро рангирани слушатели добија пофалници од страна на Деканот на ВА.