Свечено затворање на двете напредни НАТО обуки за сајбер безбедност

Во периодот 27.01.-07.08.2020 година Воената академија беше коорганизатор на 2 (две) напредни десетнеделни NATO обуки за “Мрежна безбедност” и “Проценка на ранливост на мрежи и намалување на ризици”, за кои беше обезбедено спонзорство од NATO SPS (наука за мир и безбедност) програмата. Двете обуки беа во коорганизација со NATO школото од Оберамергау (NSO) и Морнаричкото школо за последипломски студии (NPS) од Монтереј, САД. Ко-директори на активноста беа проф. д-р Митко Богданоски, полковник од Воената Академија и CDR Paolo Carcavallo, од NATO школото од Оберамергау.

На двете обуки учество земаа повеќе од 30  слушатели од 7 различни институции (МО/АРСМ, МВР, МИОА, МНР, МКД-ЦИРТ, АНБ, ДБКИ). Слушателите за време на обуките се стекнаа со меѓународно признати сертификати од NATO школото од Оберамергау, како и CEH (Certificate Ethical Hacker) сертификат од EC-Council.

За време на свеченото затворање, свечено обраќање имаа ко-директорите на овие обуки.

Полковник проф. д-р Митко Богданоски, продекан на Воената академија „Генерал Михајло Апостолски“ и ко-директор активноста, во својата дискусија се заблагодари на NPS, NSO, NATO SPS програмата, Г-ѓа Liliana Serban, Директор на серија курсеви од областа на сајбер безбедноста во NSO, Г-дин Christian Liflander, раководител на одделот за сајбер одбрана во NATO, како и Министерството за одбрана, за целокупната поддршка за реализирање на овие исклучително важни обуки. Меѓу останатото, полк. проф. д-р Богданоски потенцира дека: “обуките завршуваат во исклучително сензитивен период, кога одредени институции во државата се соочуваат со серија од сајбер напади, па навремената реакција на вакви напади во иднина ќе биде од големо значење за државата, посебно во период кога од нас, како 30-та членка, се очекува да застанеме рамо до рамо со останатите 29 сојузници во NATO и да се допринесе не само за одбрана на националниот сајбер простор, туку и во колективниот систем за одбрана на NATO. За таа цел Воената академија и Министерството за одбрана и понатаму ќе се залагаат за градење на капацитетите за справување со сајбер заканите и проширување на знаењето на оние кои се одговорни и кои ќе бидат на првата одбранбена линија за заштита на националниот и сојузничкиот сајбер простор.”

CDR Паоло Каркавало, USA-N, ко-директор на оваа активност, се заблагодари на Воената академија и полк. проф. д-р Богданоски за посветеноста и целиот ангажман околу успешната реализација на обуките. Тој кажа дека смета дека обуките се реализирале во клучен период, кога нашата работа се базира многу повеќе на користење на комуникациско информациските технологии и кога стануваме се поранливи, напоменувајќи дека неодамнешните предизвици со кои се соочи државата за време на парламентарните избори е нешто за што треба да бидеме свесни дека ќе се соочуваме и во иднина и дека треба да градиме ефективни капацитети за сајбер одбрана. Понатаму, CDR Каркавало додаде: “Сега, како сојузник во НАТО мора да продолжиме со напорната работа на секое поле, вклучувајќи ја и сајбер одбраната. Вашите активности поврзани со заштитата на нашите комуникациско информациски системи на различни ниво е од големо значење за Алијансата”