Свечено отворен десеттиот јубилеен Летен кампус 2019

Во Центарот за обука „Пепелиште“ на ден 16 јули 2019 година се одржа свеченост по повод отворањето на десетиот јубилеен меѓународен одбранбено-безбедносен проект „Летен Кампус 2019“ во организација на Воената академија „Генерал Михаило Апостолски“ – Скопје.

На отворањето на кампусот, заменикот – министер за одбрана, Беким Максути истакна дека станува збор за уникатен проект кој овозможува питомци и студенти од повеќе земји да разменуваат искуства, да учат едни од други и да стекнуваат познанства.

Заменикот – министер Максути порача дека овој јубилеен, десетти по ред, кампус се реализира во година во која нашата држава ќе ја исполни својата стратегиска цел – членството во НАТО.

Максути истакна дека сето стекнато знаење, лидерските вештини, креативноста, храброста, етиката и интегритетот се вештини и вредности кои мора да ги поседува секој офицер, а питомците, како идни офицери, овие вештини и вредности ќе ги стекнат токму на Летниот кампус.

Полковник д-р Митко Богданоски, вон. проф., продекан во Воената академија, истакна дека големиот број активности и богатата програма на кампусот е резултат на долгогодишното искуство и успешната реализација на овој Кампус чиј дел досега биле над 1.600 питомци и студенти од дваесетина земји.

„Нашата главна мисија е да создадеме силна мрежа помеѓу идните офицери и да ги подготвиме за идна интероперабилност и соработка, како и да постигнеме високо ниво на културолошка размена, со што ќе дадеме и голем придонес кон глобалниот мир и безбедност“, истакна проф. Богданоски.

Учесници на кампусот се 120 питомци и студенти питомци и студенти од Република Северна Македонија, САД, Албанија, Бугарија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора, Романија, Германија, Хрватска, Чешка и Норвешка.

Оваа 2019 година фокусот на активностите на кампусот се кон операциите за поддршка на мирот и Пост-конфликтното градење на мирот. Програмата на кампусот ќе биде спроведена од високо обучени инструктори од разни институции, како и професионални инструктори од нашава армија и од армиите на другите земји кои учествуваат на Кампусот.

Целта на меѓународниот проект „Летен кампус 2019“ е да ја доближи комплексноста на идните предизвици во постконфликтните операции до младите питомци и идни мировници, а посебно за интернационално правни и дипломатски аспекти на напорите за градење на мирот,еваулацијата на воените доктрини и поддршка на политичките напори за градење на мирот во мулти националните операции на НАТО.