Свечено отворање на Летниот кампус 2017

Во периодот од 27 јуни до 08 јули, во Центарот за обука „Пепелиште“, се одржува осми по ред меѓународен, високо образовен и одбрамбено-безбедносен проект „Летен кампус 2017“. Оваа година земаа учество питомци од 12 земји како и студенти од Универзитетите во Република Македонија.

Најголем дел од земјите учеснички се водечки земји членки на НАТО меѓу кои Соединетите Американски држави, Германија, Норвешка, Полска, Чешка, Романија, Бугарија, Албанија, Црна Гора, како и земјите од регионот Босна и Херцеговина, Косово, и Република Македонија како домаќин.

Темата на „Летниот кампус 2017“ е миграциските кризи и меѓународниот воен одговор.

На дадената тема своите ставови и видувања ќе ги пезентираат реномирани професори од САД, Велика Британија, Германија, Чешка Република како и професори и експерти од областа од Република Македонија.

Оваа година на кампусот ќе учествуваат околу 200 припадници на воени академии на странски држави како и од Воената академија „Генерал Михаило Апостолски“ – Скопје, Република Македонија.

На 27 јуни 2017 год., со пригоден говор, свечено беше означен почетокот на проектот од страна на министерот за одбрана на Република Македонија, м-р Радмила Шекеринска. На свеченото отворање меѓу другите присуствуваа и: Директорот на ГШ на АРМ генерал-мајор Димче Петревски, Ректорот на Универзитетот „Гоце Делчев“-Штип професор д-р Блажо Боев, Деканот на Воената академија „Генерал Михаило Апостолски“-Скопје полковник д-р Орце Поповски како и одбрамбените аташеа и воените претставници на земјите учеснички.

Целта на овој проект е меѓусебно запознавање на идните старешини од различни армии преку размена на искуства, дружење и запознавање на културните знаменитости, убавините и историјата на Република Македонија. Истата ќе биде постигната со реализација на планираните предавања во различни градови (Кавадарци, Штип, Дојран, Охрид), како и посета на привремениот транзитен центар на јужната граница „Винојуг“ – Гевгелија.