Успешна реализација на Летниот Кампус 2018

Со реализацијата на показната тактичка вежба „Сеопфатен пристап на операциите за поддршка на мирот“, денеска на армискиот полигон „Криволак“ заврши деветиот Летен кампус, на кој учествуваа околу 120 питомци и студенти од 11 држави.

По тој повод, министерка за одбрана Радмила Шекеринска истакна дека заедничките активности на државите од регионот и пошироко, како што е Летниот кампус, покажуваат дека соработката е возможна и корисна. „Покажавме дека знаеме да соработуваме не само како партнер, туку навистина како членка на НАТО-алијансата. Летниот кампус кој што веќе создаде традиција е исто така дел од т.н. „паметна одбрана“ или „smart defence“ на НАТО. Тоа значи дека Македонија има капацитет, кој што го нуди на земјите од регионот, на нашите партнери и сојузници, капацитет со кој што навистина можеме да бидеме задоволни“, рече министерката..

Сценарото на летниот кампус секоја година се надоградува со нови научени лекции, порача деканот на Воената академија, полковникот Орце Поповски. „Нашата основна цел ни е питомците од Република Македонија и питомците од државите кои партиципираат на Летниот кампус да ги обучиме за дејства во постконфликтни подрачја, за воспоставување на мир и соработка со цивилното население во таквите региони“, додаде полковникот Поповски. Тој воедно посочи дека проектот Летен кампус е еден од најдобрите промотори на Академијата речиси насекаде во светот, а пример за тоа е учеството на питомци од три континенти.

Летниот кампус се одржуваше во периодот од 26 Јуни до 06 Јули, во Центарот за обука „Пепелиште“ и на армискиот полигон „Криволак“.