ВОЕНАТА АКАДЕМИЈА ОРГАНИЗАТОР НА ДВОДНЕВНА РАБОТИЛНИЦА ВО ОБЛАСТА НА САЈБЕР БЕЗБЕДНОСТА СО НАСЛОВ „УПРАВУВАЊЕ СО САЈБЕР КРИЗИ“

12.07.2023

Воената академија, препознаен лидер во областа на сајбер безбедноста во регионот, во период од 11 до 12 јули 2023 година, во Тирана, Р. Албанија реализираше дводневна работилница од областа на сајбер безбедноста со наслов „Управување со сајбер кризи“.

Настанот, спонзориран од американскиот Стејт департмент и во соработка со CRDF GLOBAL и Иницијатива за сајбер безбедност, корпоративна безбедност и управување со кризи - C3I Скопје, имаше за цел да ги подобри практиките за сајбер безбедност и управување со сајбер кризи за повеќе од 30 сајбер професионалци од CERT/CSIRT и клучните јавни и приватни сектори, вклучително и провајдери поврзани со критична инфраструктура од Р. Албанија.

Деканот на Воената академија професор д-р Митко Богданоски го отвори настанот со воведно обраќање, потенцирајќи ја важноста на овој тип на работилници како и соработката помеѓу експертите во областа на сајбер-безбедноста од различни државни и приватни институции од регионот и пошироко за осовременувањето на знаењата и вештините и обезбедување на солидна рамка за справување со ризиците на ова поле.

Во текот на воведната сесија свое обраќање имаше дел Директорот на директоратот за анализи за сајбер безбедност, дел од националниот авторитет за електронски сертификација и сајбер безбедност, г-дин Ќафа кој во својот говор истакна дека оваа и сличните активности се од огромна важност како иницијатива за развивање на капацитетите и подобрување на нивото на сајбер-безбедноста и соодветна реакција при сајбер кризи.

Сајбер работилницата започна со воведна презентација на проф. д-р Митко Богданоски на тема „Модерни закани за трансатлантскиот сајбер простор“. Следното воведно предавање беше реализирано од проф. д-р Димитар Богатинов на тема „ Управување со напредни технологии за време на криза“. Првата сесија, со врвни воведни предавања се заокружи со презентација и почеток на реализација на сценарио базираната вежба која е базирана на симулирано сценарио за сајбер криза генерирана од напад на критичната инфраструктура на Р. Албанија.

Вториот ден од работилницата започна со воведни презентации од проф. д-р Методи Хаџи-Јанев, кои го опфатија делот на менаџирање со сајбер кризи како и применливост на меѓународните стандарди и норми во менаџирање со сајбер кризи.

Во текот на остатокот од вториот ден на активноста учесниците имаа можност да продолжат со реализација на сценарио базираната вежба во која учесниците ги анализираа стратегиските и правните аспекти на предизвиците со кои институциите се справуваат во сајбер кризи, како и начините за нивно надминување на оперативно и техничко ниво.