Свечена пригода - церемонија по повод полагањето заклетва на слушатели на стручно оспособување и усовршување на офицери за службите во Армијата

27.03.2024

Денес на Воената академија се одржа свечена пригода - церемонија по повод полагањето заклетва на слушатели на стручно оспособување и усовршување на офицери за службите во Армијата. На свеченоста присуствуваа министерот за одбрана, госпоѓа Славјанка Петровска, командантот на Командата за обука и доктрини, полковник Васко Коколански, претставници на Министерството за одбрана и на Армијата, професори од Воената академија, како и роднини и пријатели на слушателите.

Деканот на Воената академија, полковникот проф. д-р Митко Богданоски откако го прочита текстот за давање свечена заклетва со свој говор им се обрати на слушателите:

„Денеска стоиме пред идните офицери на нашите вооружени сили, кои се заколнаа дека чесно, совесно и одговорно ќе и служат на нашата земја. Повеќе од уверен сум дека ќе го одржат својот збор, својата заклетва. Момци и девојки, идни колеги и колешки, немој да заборавите дека заклетвата ја дадовте пред вашите најблиски, на еден многу значаен ден за нас, ден кога ја одбележуваме четвртата годишнина од пристапувањето во НАТО, ден на кој станавме дел од најмоќната алијанса. Оваа церемонија го означува почетокот на едно клучно поглавје во вашите животи, поглавје кое ќе ја промени иднината на нашата армија, иднината на НАТО.“

„Наследството на генерал Апостолски е инспирација за сите што се дел од оваа институција и нè потсетува на жртвите положени за нашата слобода и независност“, истакна Богданоски.

Тој додаде дека со давањето на свечената заклетва, нашите идни офицери гордо презедоа одговорност и целосна посветеност на одбраната и безбедноста на нашите граѓани и на сојузниците.

На свеченоста свое обраќање имаше министерката за одбрана, Славјанка Петровска, која на слушателите на Курсот за стручно оспособување и усовршување на офицери им порача дека оваа заклетва преставува нешто многу повеќе од изговорените зборови и дека ја симболизира нивната непоколеблива посветеност на кауза што е поголема од нив самите. Министерката Петровска на идните офицери кои доаѓаат од различни бранши им упати благодарност што одговорија на повикот и им порача дека нивната храброст и посветеноста на должноста го претставуваат најдоброто од нашата земја. Идните офицери, рече таа, не се сами на патот кон стекнување на првиот офицерски чин.

„На ова патување не тргнувате сами. Имате целосна поддршка од вашите колеги, вашите професори и нашата земја која длабоко ја цени вашата жртва и служба. Вие станувате дел од заедница, дел од семејство“, потенцира Петровска.

Галерија