Амбасадорот на Соединети Американски Држави Н.Е. Џес Бејли ја посети Воената академија и имаше свое излагање

Воената академија со своето работење изминатите години сè повеќе го привлекува вниманието на јавноста и од тој аспект сè почести се посетите и предавањата од страна на еминентни професори и дипломати кои преку свои излагања ги споделуваат своите искуства и ставови за одредени теми со што го збогатуваат образовниот процес во академијата.

На ден 20. Април 2018 година, професорите од  Воената академија, високи претставници од Министерството за одбрана и Армијата на Република Македонија како и питомци од 4 година и студентите од III циклус на студии имаа можност да присуствуваат на излагање од страна на Амбасадорот на Соединети Американски Држави во Република Македонија, Н.Е. Џес Бејли на тема „Релации меѓу дипломатијата и воените операции “.

Амбасадорот во своето триесет минутно излагање истакна дека геополитичките закани денес бараат и воени и дипломатски решенија и дека сите национални стратегии на САД вклучуваат синергија меѓу дипломатските и воените цели. Дополнително потенцираше дека успесите и неуспесите во надворешната политика директно влијаат на воените и одбранбените институции.

По завршетокот на излагањето питомците и студентите, како и сите останати гости ја искористија можност да постават прашања, по што се разви дискусија по истите.