Презентирани резултатите од ЕРАСМУС + проектот ПРЕДИКТ

Во рамки на проектот: Превенција од катастрофи ИКТ (информациско и комуникациски технологии) кој се реализира во рамки на ERASMUS+ програмата на Европската Унија (KA201-Strategic Partnership for school education), на 26.11.2020 година во хотел Holiday Inn во Скопје се реализира мултипликативен настан. За време на Мултипликативниот настан се изврши презентација на резултатите од истражувањата добиени во рамките на Интелектуалниот труд 1 „Креирање на методолошка рамка (теренско и деск-топ истражување) за инклузивни обуки на деца, млади лица и лица со попреченост“.

Резултатите кои беа презентирани се однесуваа на анализи на наставните програми во основните, средните и специјалните училишта во Македонија, Шпанија и Бугарија, полуструктуирани интервјуа со експерти од училиштата и од институции за кризен менаџмент, заштита и спасување во секоја од наведените држави, како и истражувачки прашалници пополнувани од страна на испитаници со и без попреченост во својство на студенти и ученици во основните, средните и специјалните училишта во секоја од државите

На настанот поред претставниците од институциите партнери во проектот присуствуваа и претставници од: Министерството за одбрана, Центарот за управување со кризи, Дирекција за радиолошка безбедност, претставници од Универзитетот св. Кирил и Методи, институт за дефектологија, претставници од Универзитетот св. Климент Охридски, Факултет за безбедност, претставници од средните школи, претставници од основните школи, претставници од невладините организации.

Воената академија ,,Генерал Михаило Апостолски” е институција носител на овој меѓународен проект во кој како партнери учествуваат ИТ компанијата ,,IT FOR ALL” од Малага, Шпанија, Дирекција за безбедност и заштита на населението од Софија, Бугарија, како и ОУ ,,Стив Наумов,, од Скопје” и ДУКОР ,,Партенија Зографски” од Скопје. Координатор на проектот е м-р Никола Клетников од Воената академија.

Целта на проектот е да се овозможи подобрување на инклузивниот пристап и неселективното учество на децата, младите и лицата со попреченост во превенција и учество во справување со кризни ситуации и закани преку формално и неформално образование, обука, како и преку креирање на мобилна апликација прилагодена на различни возрасни групи и различни видови на попреченост.