Придонес на Воената академија на Напредниот курс за сајбер безбедност одржан во Анталија

Воената академија даде значителен придонес на “Напредниот курс за сајбер безбедност” организиран од RACVIAC Центарот за безбедносна соработка заедно со Министерството за транспорт, поморски работи и комуникации и Министерството а надворешни работи на Република Турција, кој се одржа во периодот 26.10.-27.10.2017 во Miracle Resort хотелот во Лара, Анталија.

Придонес за реализација на активноста дадоа и компаниите BARIKAR, Infofence, Palo Alto, Trend Micro, Turk Telekom and Havelsan.

Овој курс, на кој домаќин беше Република Турција, е продолжение на серијата на настани на RACVIAC поврзани со сајбер безбедноста, а на кои иницијатор беше Воената академија “Генерал Михаило Апостолски”-

Целта на настанот е да се промовира и зголеми соработката со примена на дијалог и размена на информации, трансфер на знаење и идеи, како и споделување на меѓународните стандарди преку спојување на претставници на релевантни институции од регионот на ЈИЕ кои се занимаваат со прашања од областа на сајбер безбедноста.

Главен (воведен) говорник на настанот и модератор на активноста беше вон. проф. д-р Митко Богданоски, потполковник, кој имаше предавање на тема “Соочување со новите безбедносни предизвици во сајбер просторот”.

За време на отворањето на курсот, г-ѓа Ана Ежова Кржалоска, програмски менаџер на RACVIAC IRC столбот, изјави дека овој настан е организиран заедно со Министерството за транспорт, поморски работи и комуникација и Министерството за надворешни работи на Република Турција, а е поддржан од експерт на Воената академија генерал Михајло Апостолски од Скопје, Република Македонија, со кого RACVIAC последните три години реализираше успешниот проект во оваа област.

Овој дводневен курс собра повеќе од 50 учесници и вклучи серија говори, предавања и работни сесии во врска со најновите случувања во областа на сајбер безбедноста, новите сајбер-безбедносни закани и предизвици за засегнати страни од оваа област и од регионот на ЈИЕ. Учесниците собраа напредни сознанија за неодамнешниот напредок во областа на сајбер безбедноста, како и актуелните закани и стандарди во користењето на дигиталната технологија за борба против нелегалните активности. Покрај тоа, учесниците беа запознаени со безбедносни оперативни центри (SOCs), решенијата за лаборатории за обука за сајбер безбедност, ревизија и потврдување на конфигурацијата на мрежните безбедносни уреди и дознаа за неодамнешните достигнувања во криптологијата, безбедноста во центри за податоци и периметарска заштита и мрежна безбедност.