Продолжува соработката со програмата на НАТО за унапредување на образованието во одбраната во делот за напредно далечинско учење

Во период 12.12 – 13.12.2017 година беше одржана дводневна работилница за карактеристиките и можностите за подобрување на употребата на напредното далечинско учење (ADL) во секојдневниот процес на едукација на Воената академија.

За време на работилницата учество земаа двајца претставници од програмата на НАТО за унапредување на образованието во одбраната (DEEP) кои се сертифицирани обучувачи за делот на ADL и ИЛИАС платформата, а воедно се дел од „Cuiavian“ универзитетот од Полска.

За време на работилницата, од страна на НАТО DEEP претставниците беше презентирана ИЛИАС платформата која е официјална платформа за ADL во НАТО. Презентацијата опфати демонстрација на карактеристиките и можностите на платформата, презентација на курсеви кои што тие ги имаат развиено,  начинот на кој што се користи системот во НАТО, како и можноста на мигрирање и користење на курсеви што постојат на НАТО серверите.

Од страна на Воената академија беше презентирана  МООДЛЕ базираната платформа која што се користи од страна на професорите, како и питомците/студентите

По завршување на презентациите, а врз основа на развиените дискусии за време на работилницата, беа дефинирани понатамошните чекори во соработката на експертите и вработените во Воената академија. Согласно договореното, во идниот период е планирано од страна на експертите ангажирани преку НАТО DEEP  програмата да се реализираат работилници и обуки поврзани со администрирање на ИЛИАС платформата, но и обуки за наставниот и административниот кадар на Воената академија за креирање и управување со е-курсевите.