Свечено примопредавање на функција декан на Воена академија

Од 09. Август 2021 година,  нов декан на Воената академија е полковник проф. д-р Митко Богданоски, професор на академијата и досегашен продекан за финансии, инвестиции и меѓународна соработка. проф д-р Богданоски ја презеде функцијата декан на Воената академија „Генерал Михаило Апостолски“ од полковникот проф. д-р Орце Поповски, кој успешно ја водеше академијата во последните осум години.

На денешното примопредавање на функцијата, министерката Радмила Шекеринска и заменикот-министер Башким Хасани му се заблагодарија на досегашниот декан за сиот вложен труд, а на новопоставениот декан му посакаа успешна работа.

„Воената академија е институција во која се негуваат и надоградуваат знаењата и вештините на воените старешини, идни команданти и високи лидери, место кое располага со докажани капацитети кои што овозможуваат спојување на теоријата со практичната работа“, рече Хасани.

Тој додаде дека академијата не е само национален, туку и регионален капацитет кој во континуитет ја зајакнува својата соработка со воено-образовните институции на земјите-членки на НАТО.

„Денес Воената академија се етаблира во високообразовна и научно-истражувачка установа не само од локален, туку и од регионален карактер. Како дел од НАТО, ние ја зајакнуваме соработката и се прилагодуваме на наставно-образовните програми и планови со воено образовните институции на останатите НАТО членки“, истакна земеникот-министер.

Новоназначениот декан, проф. д-р Богданоски порача дека академијата ќе продолжи да ги надградува своите способности и квалитетот на едукацијата според модерните трендови.

„Со цел подобрување на квалитетот на образование ќе бидат искористени разни програми поддржани од НАТО и ЕУ, вклучително НАТО програмата за Мир и безбедност, ЕРАСМУС+ програмата, како и реализација на разни активности во соработка со Европскиот колеџ за безбедност и одбрана каде Воената академија неодамна стана придружна членка и веќе отпочна со реализација на заеднички активности“, рече полковникот проф. д-р Богданоски.

Досегашниот декан на Академијата, полковникот проф. д-р Поповски порача дека изминатите осум години како декан фокусот бил ставен на усовршување на кадарот, етаблирањето на Академијата на меѓународен план и на подигнувањето на стандардот за живот и работа на питомците. Тој информираше дека академискиот кадар е зголемен за 50 проценти, а Академијата има развиена соработка со универзитетот „Норвич“, Австриската воена академија, академиите во Бугарија, Србија и Хрватска.

Полковникот проф. д-р Богданоски е редовен професор на Воената академија „Генерал Михаило Апостолски“ во Скопје и визитинг професор на неколку други универзитети. Дипломирал на Воената академија „Генерал Михаило Апостолски“ во Скопје, а магистрирал и докторирал на Факултетот за електротехника и информациски технологии, при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“. Неговите истражувачки интереси се во полето на сајбер безбедностa, информатичката технологија, употребата на сајбер-просторот и технологиите од страна на терористички и криминални оргазаниции, хибридните закани, електронското и сајбер војување и телекомуникациите. Автор е на повеќе од 100 публикации, а е член на повеќе меѓународни институти, организации и здруженија.